vesti24.mk
КУЛТУРА

Писателката Лидија Димковска гостинка на Лекторатот за македонски јазик во Будимпешта

ECA

Познатата македонска поетеса и писателка Лидија Димковска, добитничка на европската награда за литература, од 11 до 13 декември пгостуваше на Лекторатот по македонски јазик при универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта.

На 12 декември на универзитетот се одржа промоција на романот „Резервен живот“ во превод на унгарски од Анамарија Цинеге-Панзова и издание на издавачката куќа Напкут, Будимпешта.

За романот говореше познатата унгарската писателка, Ноеми Киш, која рече дека има потреба од повеќе преводи од македонската литература на унгарски јазик, имајќи го предвид квалитетот на современата македонска литература.

Промоцијата предизвика голем интерес кај студентите и професорите, а присуствуваа унгарски писатели и претставници од Друштвото на Македонци во Унгарија.

На 13 декември студентите по македонски јазик подготвија поетски омаж во чест на Игор Исаковски со негова поезија посветена на Будимпешта во превод на унгарски јазик од страна на самите студенти, претставен пред студентите и професорите од Институтот за славистика и балтичка филологија.

Ова се дел од активностите за промоција на македонскиот јазик, литература и култура на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта кои ги организира лекторот Златко Панзов. Гостувањето на Лидија Димковска беше реализирано со поддршка на Амбасадата на Република Македонија во Будимпешта.

Годинава 14 студенти го изучуваат македонскиот јазик на Лекторатот по македонски јазик на Универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта.

Loading...

Related posts