vesti24.mk
ВЕСТИ МАКЕДОНИЈА

Претставници на Црвениот крст со Заев разговараа за третманот на затворениците

ECA

Премиерот Зоран Заев се сретна со делегација на меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) во состав Јелена Стијачиќ, шеф на регионалната делегација на Црвенот крст, Николас Флори, оперативен координатор за Европа и Централна Азија и Даниела Малијанска Митевска, претставник на МКЦК во Македонија.

Како што информираат од владината прес-служба, на средбата се разговарано за состојбите во областа на човековите права и условите во затворите во земјава, како и третманот на затворениците.

На средбата, Заев истакнал дека соработката со МКЦК е од посебна важност за реализирање на зацртаните реформи во одредени области во општеството.

„МКЦК има капацитети со кои не секогаш располага државната администрација, од причина што искуството и капацитетите на МКЦК се од меѓународни размери и градени врз волонтерство и поради тоа, соработката на институциите на Република Македонија со оваа меѓународна организација е од исклучителна важност да се продлабочи“, истакнал Заев.

Премиерот исто така потенцирал дека Владата веќе презема конкретни чекори за подобрување на условите на затворениците во затворите, преку инвестирање во реновирањето на македонските затвори, за што од голема помош, како што рекол, биле и претходните извештаи од МКЦК и останати релевантни европски и светски организации.

Претставниците на МКЦК изразија задоволство што после долг и турбулентен период Република Македонија повторно е стабилна земја посветена на подобрување на квалитетот на живот на своите граѓани, информираат од прес службата на Владата.

Од Заев побарале поддршка за олеснување на дел од процедурите за посета на затвореници од страна на претставниците на МКЦК, бидејќи во моментот за секоја посета мора да се добива дозвола од надлежен судија.

За оваа тема, тие најавиле и средба во широк состав со македонските судии на која ќе ги презентираат своите предлози и идеи за подобрување на македонскиот казнено-поправен систем, како и за условите во кои престојуваат затворениците базирани врз меѓународните искуства на МКЦК.

Loading...

Related posts