Uncategorized

Светот му честита на Макрон за победата

ECA
Претседателот Трамп истакна дека со нетрпение чека на соработката

Светските лидери и други истакнати политичари испратија честитки до новоизбраниот претседател на Франција, Емануел Maкрон за неговата победа над Марин Ле Пен.

Американскиот претседател Доналд Трамп преку Твитер кажа: „Честитки за Емануел Maкрон за неговата голема победа на претседателските избори. Со нетрпение очекувам да работам со него“. Трамп пред изборите не даде јавна поддршка за Макрон, и генерално ги фаворизираше ставовите на Ле Пен.

Поранешната претседателска кандидатка на САД Хилари Клинтон, водачот за граѓански права Џеси Џексон и градоначалникот на Њујорк Бил де Бласио, исто така му ја честитаа победата на Maкрон и на францускиот народ за изборот.

„Вашата победа, е победа за силна и обединета Европа и за француско-германско пријателство“, се вели во соопштението на портпаролот на германската канцеларка, Ангела Меркел.

Макрон по победата разговараше со Меркел, најавувајќи и` дека ќе отпатува за Берлин „мошне брзо“.

Портпаролот на британската премиерка Тереза Меј, исто така издаде соопштение во кое „испраќа топли честитки на новоизбраниот претседател Maкрон за неговиот успех. Франција е една од нашите најблиски сојузници и со нетрпение очекуваме да работиме со новиот претседател на широк спектар заеднички приоритети“.

Меј со Maкрон разговарала и за Брегзит, велејќи дека „Велика Британија се залага за силно партнерство со безбедна и просперитетна ЕУ, по британското напуштање на европското семејство“, додаде портпаролот.

И лидерите на Европската Унија испратија честитки до Maкрон. „Среќен сум што францускиот народ одбра европската иднина“, напиша претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер на Твитер.

Претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск, изјави дека народот на Франција избрал „слобода, еднаквост и збратименост“ и „и` кажа ‘нe’ на тиранијата на лажни вести“.

На Макрон за победата му честиташе и рускиот претседател Владимир Путин, повикувајќи го на „надминување на меѓусебната недоверба, и на обединетост, со цел, обезбедување на меѓународна стабилност и безбедност“.

Кремљ соопшти и дека Путин на Maкрон му порачал оти е подготвен да соработува по билатералните, регионални и глобални прашања.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе изјави дека „победата на новоизбраниот претседател на Франција, е симболична победа против протекционистичките потези и е знак на гласање на доверба во ЕУ“.

Кинескиот претседател Ши Џинпинг во пораката до Макрон, истакна дека Кина е подготвена да работи на партнерство со Франција на повисоко ниво. Џинпинг додаде дека овие две земји споделуваат „одговорност кон мир и развој во светот“.

Емануел Макрон е најмлад лидер на Франција од времето на императорот Наполеон. Претседателската функција ќе ја преземе на 14-ти мај.

voanews

Loading...