vesti24.mk
ВЕСТИ МАКЕДОНИЈА

Со 81 глас пратениците го изгласаа името Северна Македонија

ECA

Уставните измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа поминаа и во третата финална фаза вечерва во Собранието на Република Македонија, откако претходно седницата три дена беше закажувана, додека премиерот Зоран Заев преговараше со Беса на Биљал Касами, околу нивните барања во врска со измените.

Пратениците со двотретинско мнозинство вечерва во рамки на 75. седница ги донесоа амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, а потоа и ги прогласија. Усвоен и прогласен и Уставниот закон за спробведување на амандманите.

На седницата не присустуваше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Амандманот 33 гласи: Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.

Во Амандман 34 со новиот предлог на Беса зборовите „кои живеат во нејзините граници“ се заменува со „како и граѓаните кои живеат во нејзините граници, граѓаните на РМ, македонскиот народ, и дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“.

Амандманот 35 гласи „Републиката ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“ се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.

Амандман 36 гласи:

Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ;

Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани што живеат или престојуваат во странство;

Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината;

Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Новиот текст изгласан денеска гласи: Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината.

Владата прифати два видоизменети амандмани. Првиот е за амандманот XXXIV на Уставот и со него Преамбулата на Уставот ќе гласи „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“. Со видоизменетиот амандман на амандманот XXXVI на Уставот новиот текст ќе гласи „Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со тактовината“.

Државјанството останува македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, а прифатен е амандман на Уставниот закон со кој се потврдува државјанството македонско/граѓанин на Република Северна Македонија и се појаснува како ќе гласи за граѓаните Албанци на албански јазик и ќе се утврди во сите закони каде што е тоа потребно.

Loading...

Related posts