vesti24.mk
ЖИВОТ

Тажната македонска реалност: Младите се навлечени на казино, коцка и обложувалници

ECA
13,6 проценти од учениците изјавиле дека се коцкале за пари во изминатата година, каде најчесто или 16,2 процени станува збор за кладење во спортска обложувалница, 10,8 отсто играње карти, лотарија, бинго и 4,7 проценти играње на слот машини. Овие бројки покажуваат дека младите се повеќе се навлечени на игри на среќа, коцка и казино.

Состојбата во главниот град се чини дека е многу поалармантна. На секој чекор може да сретнете кладилници и коцкарници кои работат 24 часа, а младината најчесто ноќниот живот и ноќното лудило го завршува токму на овие места. Од кафуле во диско, од диско во кладилница и на крај без ниту еден денар во џеб да се касне нешто од познатите пекари во Скопје и пред да се раздени да се стигне дома.

Помислата на лесни и брзи пари може да ги привлече кон игрите на среќа, но вистинскиот проблем се јавува дури подоцна, кога страста и адреналинот целосно го совладуваат човекот.

Најпрво се трошат своите пари, потоа се продаваат работите од дома, следува позајмување од пријателите и роднините, за на крајот многумина да зачекорат во светот на криминалот, измамата и кражбата. Ниту кога ќе пресуши изворот на парите играта не се прекинува затоа што тогаш се појавуваат „пријатели“. Станува збор за луѓе кои те поттикнуваат да продолжиш; наводно те разбираат и те охрабруваат, а ти си подготвен на сè, се согласуваш на нивната „поддршка“ и позајмуваш пари – многу пати со голема камата. Во малку случаи се покажува дека овие позајмувања се промашена инвестиција затоа што позајмувачите добро се запознаени со материјалната состојба на семејството, а големите долгови по правило се враќаат со продажба на недвижнина, куќа или стан.

Јас ќарив, а ти? Ваков примамлив слоган е испишан на една од обложувалниците. Кој е ЈАС, а кој ТИ во приказната? Заработувачката на обложувалниците е загарантирана. Обложувачите најдобро си го знаат домашниот есап. Обложувањето е директно поврзано со сиромаштијата. Колку што е беспарицата поголема, толку се зголемува надежта дека излезот е во некое уплатено ливче.

Кој е во ќар, најдобро се гледа преку парите. Во 200-те најголеми и најуспешни фирми во Македонија според приходите се најдоа дури три кладилници.

Светските истражувања велат дека зависноста од коцкање никогаш не завршува добро. Резултатите од ова секогаш се катастрофални, не само за коцкарот, туку и за луѓето кои го опкружуваат. Проблемот е тоа што повеќето луѓе ја губат контролата за тоа колку пари и време потрошуваат на коцкањето. Така, тие ги игнорираат своите одговорности и стануваат слепи во врска со несаканите ефекти, а целото внимание и енергија им се посветени на коцкањето.

Институтот за јавно здравје минатата година предупреди на рапидно зголемување на бројката на млади луѓе кои во Македонија секојдневно се обложуваат.

скопјеинфо

Loading...

Related posts