vesti24.mk
МАКЕДОНИЈА

Џафери до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ: Седнете и уживајте!

ECA

Врева, дофрлувања, тропање по маса и меѓусебни довикувања во собраниската сала го одбележаа денешното враќање на опозицијата во парламентот.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои поднесоа над 35.000 амандмани за законот за јазиците, бараат тој да се повлече од дневен ред на седницата. Секој пратеник од опозицијата одделно се изјаснува за законот за јазиците со истото образложение дека тој, предложен како осма точка, е неуставен и дека треба повеќе време за да се донесе.

Пратеникот Зоран Илиоски побара да биде ставен како последна точка, а Антонио Милошоски бараше да биде повлечен бидејќи не бил приоритет за државата. Пратеничката Ане Лашкоска од истата партија побара да се тргнат сите други триесетина точки и да се дускутура само за законот за јазиците.

Предлозите не беа прифатени од мнозинството, а Собранието сè уште не може да утврди дневен ред за работа бидејќи претходно ВМРО-ДПМНЕ побара едночасовна пауза со образложение дека во последен момент добила порака за измени на дневниот ред. Опозициските пратеници бурно реагираа на точката за избор на потпретседатели на Собранието барајќи повторно пауза, на што Џафери им порача „Седете и уживајте!“ бидејќи точката била тргната од дневен ред. Кога пратеникот Антонио Милошоски излезе на говорница и зборуваше на исклучен микрофон, му се придружија и неговите колеги.

„Сега седнете на своите места да ја продолжиме седницата. Јасно и течно зборувам, за тие што не разбираат, нека стават слушалки. Седнете и уживајте“, им рече Џафери по што пратениците се вратија на своите места.

Претходно, Џафери не им даде право на процедурална забелешка на опозициските пратеници со образложение дека такво право има координаторот на пратеничката група, Влатко Ѓорчев, а тој не е присутен на седницата.

Според Илија Димовски, целта не е да се закочи работата на Собранието, туку да се вклучат сите фактори во неговото донесување. „Се плашиме дека законот ќе генерира кризи во иднина. Има сосема доволен простор СДСМ и ДУИ да си ги проверат и преиспитаат решенијата за законот, тоа може да го направат со партиите, експертите, факултетите“, рече тој.

Loading...

Related posts