ВЕСТИ ЕКОНОМИЈА МАКЕДОНИЈА

Финскиот амбасадор Иконен им одржа „лекција“ на македонските бизнисмени

ECA

Финскиот амбасадор Перти Иконен денеска им одржа „лекција“ на македонските компании. На панел-дискусија во Стопанската комора укажа дека неговата земја најмногу вложува во образованието и ги учи децата сами да размислуваат и да бидат иновативни.

Кажа и дека постојано се инвестира во научни истражувања, како и во нови технологии. Фондот за иновации на Финска годишно добива околу 600 милиони евра.

Пораката на амбасадорот Иконен кој е на служба во Србија, но е одговорен и за Македонија, беше дека економијата и сите останати сфери во општеството не зависат од тоа какво е или ќе биде времето надвор, туку од тоа колку се децата, односно луѓето едуцирани.

На панелот „Финска како економија на знаење“ сподели интересен податок, дека денес нема мобилен телефон во светот во кој не е вградено нешто од финската технологија.

Од јануари 2019 година Финска ќе биде првата земја во светот со 5Г, а до 2030 година ќе престане да користи јаглен. Хелсинки, пак, е најфункционалниот „смарт“ град во светот со слободен интеренет насекаде.

Како што рече Иконен, размислувањето е темел на финското општество, а концептот, меѓу другото, подразбира паметните луѓе да одат на универзитет, а потоа да работат во компаниите, да бидат правници, адвокати или лекари.

Амбасадорот потенцира дека економијата и општеството воопшто, е засновано на знаење.

-Сите наставници во Финска мора да имаат магистерска диплома, а ако сакаат да бидат професори, дополнително треба да поседуваат и сертификат за настава. Оттука, сите се компетентни и во нив граѓаните имаат целосна доверба. Затоа им се дава и комплетна слобода сами да го дефинираат начинот на кој ќе ги подучуваат децата, рече амбасадорот.

Наставниците во Финска поминуваат четири часа на ден во училница и по најмалку два часа неделно на професионален развој.

Школството е за сите еднакво, нема разлики меѓу сиромавите и побогатите. Од учениците, 43 отсто поседуваат средни стручни школи. Поаѓањето во училиште не е пред седумгодишна возраст, не се оптоварени со часови, а тестирања и испрашувања има само еднаш до 16-тата година на ученикот. Странски јазици редовно се учат, а шведскиот е втор официјален јазик во Финска.

-Учениците на девет години почнуваат да учат шведски, а на 11 години и трет јазик, најчесто е тоа англиски. Тестовите за матура, односно за влез на некој од универзитетите се полагаат на два јазика – шведски и фински. Обично секој од учениците по излегувањето од школските клупи владее по минимум пет јазика, предочи Иконен.

Како што дообјасни, учениците на 16 години одлучуваат дали сакаат да продолжат во средно стручно школо или да се запишат на факултет.

Финците пред повеќе години имале образовен систем сличен на американскиот, но оцениле дека не е доволно добар поради што продолжиле да креираат сопствен кој денеска е меѓу најконкурентните и најдобрите во светот.

Индустријата на Финска денес базира на бродоградба (мразокршачи), производство на автомобили и машини со кои зафаќаат 50 отсто од глобалниот пазар. Рударството не е многу развиено, има само 13.000 – 14.000 вработени, но се размислува за негова дигитализација.

-Ние сме најстабилната земја во светот, политичкиот ризик е многу мал, а прогласени сме и за најсреќна нација, истакна амбасадорот.

По освртот на Иконен, в.д. извршната директорка на Стопанската комора Билјана Пеева Ѓуриќ напомена дека учеството на инвестициите од приватниот и јавниот сектор до 2025 година ќе биде пет отсто од БДП на Финска. – Наспроти ваквата ситуација, ние не можеме да се пофалиме со вакви податоци. Долги години наназад, кај нас учеството на инвестиции во истражување и развој не изнесуваше повеќе од 0,2 до 0,4 отсто во Буџетот, истакна Пеева Ѓуриќ.

МИА

Loading...

Related posts