vesti24.mk
ЖИВОТ

Искуство на Македонки кои работат како стјуардеси – колку е побела кожата, толку е поголема платата

ECA

Во последните неколку години, растечки тренд е се повеќе Македонки, а и Македонци да одат на работа како стјуардеси. Тоа за многу од нив е работа од соништата, бидејќи имаат можност да го видат светот и да заработат пари за неколку години.

-Дојдов во Емиратите во потрага по подобра иднина, секако гледано од финансиски аспект. Од гласини дознав дека авиокомпанијата Емирати бара стјуардеси од Балканот. Ми звучеше примамливо и решив да си ја пробам среќата, вели 28-годишна скопјанка која скоро три години е дел од персоналот на оваа светски најпозната авиокомпанија.

Таа отишла на интервјуто за регрутација во Белград и била сигурна дека е квалификувана за работата.

-Не знаев каде е Дубаи, ниту што ме очекува кога ќе одам таму. Понудените услови во огласот ми одговараа, пред се примамлива беше платата која се нудеше, иако не знаев каков е животниот стандард таму, објаснува стјуардесата за Вечер. Таа објаснува дека условите се одлични, платата е од саат, односно колку ќе работиш, толку ќе заработиш.

-Има основна плата од 1.100 евра плус саатница на летање која се движи од минимум 1.000 евра па нагоре, а ако имаш убав месец може да стигнеш и до плата од повеќе од 3.000 евра. Тука имаме и многу други поволности, а тоа е што не плаќаме кирија за сместување, бидејќи живееме во станови кои се во сопственост на компанијата, а не плаќаме ни сметки, ниту други трошоци за одржување, што значи дека платата цела останува за тебе, вели таа.

Сепак освен условите и платата, Дубаи има многу лоши страни, објаснува стјуардесата, тоа пред се се високите цени, начинот на управување, ригорозните правила на однесување и класната поделба.

-Каква боја на кожа имаш, таква плата ќе добиеш. Колку си побел, толку повеќе вратите се отворени за тебе. Сепак, правилата во арапските земји се многу строги, посебно за странци, а ако не ти се допаѓа нешто или мислиш дека ти е скратено некое право тогаш само ќе ти го дадат пасошот и ќе те вратат таму од каде што си дошол.

Тука никогаш не можеш да добиеш државјанство ако си странец, дури и ако си роден и ако цел живот живееш тука, секогаш ќе си посетител, објаснува таа и потенцира дека најлошо поминуваат оние кои се дојдени од Индија, Бангладеш и Филипини кои тука се третирани како робови.

-За нив Дубаи не е земјата во која ќе се борат за да успеат во животот, туку нивните животи се во рацете на Арапите. Тие живеат во пустината, спијат на отворено и на под во оваа “најбогата земја во светот”. Тие буквално го изградија ова место, ја изградија оваа империја и гламур кое е мамк адури и за најрезервираното човечко око, објаснува стјуардесата.

Како негативна особина на Дубаи се неподносливите температури кои во летниот период достигнуваат и над 50 степени, а како една од позитивните работи го истакнува високиот степен на безбедност.

Loading...

Related posts