vesti24.mk
ВЕСТИ МАКЕДОНИЈА

Канал 5: Груевски избегал со автомобил, следна дестинација Русија или Турција

ECA

Поранешниот премиер Никола Груевски, од Македонија избегал со автомобил, а до Унгарија стигнал преку Србија, објави ТВ Канал 5.

Според информациите на телевизијата, Груевски барањето за азил во Унгарија ќе го искористи само за да купи време пред да ја донесе одлуката каде да замине за подолг престој.

Со оглед дека Унгарија е земја членка на ЕУ, за очекување е Орбан да биде соочен со притисок од Брисел за екстрадиција, Груевски на ум има две можни дестинации, објави Канал 5.

Едната е Турција, во која долги година апсолутна власт има Ердоган, со кого Груевски има изградено и лични релации, а често и годишните одмори ги поминуваше таму, на лична покана од турскиот претседател.

Втората можна крајна дестинација на експремиерот, според овие информации, е Русија, во која често прибежиште бараат луѓето од регионов кои треба да одговараат во своите земји.

Нашите извори, ги потврдуваат и тезите дека Груевски стигнал во Будимпешта преку Србија. Според информациите, тој ја напуштил државава во саботата претпладнето со автомобил. Првата пауза за ручек, одмор и веројатно за средување на формалностите поврзани со барањето за азил, ја направил во елитен хотел во Белград, а потоа го продолжил патот со истото возило кон Будимпешта. Чија сопственост е возилото, на кој премин поминал, и кој се му помогнал, допрва треба да се открие.

Обвинителството денеска, по повикот од министерот Спасовски, објави дека отвориле предистражна постапка за бегството по допрен глас.

-Во врска со настанот постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Република Македонија. – соопшто обвинителството, кое веќе издало и наредби за прибирање податоци поврзани со настанот​.

Дали има пропусти кај полициското обезбедување на Груевски или граничната полиција, ќе истражува и внатрешната контрола на МВР, најави владиниот портпарол Бошњаковски.

Освен тоа кој во земјава е одговорен за бегството и му помогнал на Груевски, енигма останува и дали и каква инволвираност има од трети земји во случајот.

Loading...

Related posts