vesti24.mk
ВЕСТИ МАКЕДОНИЈА

Меркел се возеше во „мерцедесот“ на Груевски

ECA

Германската канцеларка, Ангела Меркел при денешната посета на Македонија се возеше со „мерцедесот“ вреден 600 илјади евра набавен од страна на претходната влада за кој експремиерот Никола Груевски беше осуден на 2 годишна затворска казна.

На владиниот „мерцедес ЕС 600 Гард“, можеше да се забележат мониторите на задните седишта и останатата опрема за која јавноста слушна како Груевски ги нарачува преку телефонски разговор. „Макфакс“ потврда за тоа дека се работи за истиот „мерцедес“ доби од едно од лицата кои денеска ја обезбедуваа германската канцеларка. Исто така забележлива беше промената на регистарските таблички на луксузниот автомобил од СК-2936-АЦ во СК-4047-АП.

Актуелната Влада првично рече дека автомобилот ќе биде продаден, а со парите ќе се купат амбулантски возила, но веднаш потоа излегоа со изјава дека не смеат да го прават тоа поради судските постапки. Останува прашањето дали „мерцедесот“ по завршување на постапките ќе се продава по иста цена која беше наведена или по поголема бидејќи во него се возеа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, канцеларката Ангела Меркел и останати високи државници.

Покрај експремиерот, за набавка на овој автомобил беше осуден и поранешниот заменик министер за внатрешни работи на 6 и пол години затворска казна, а за истиот случај под називот „Тенк“ се води постапка и против поранешната министерка Гордана Јанкуловска.

Германската канцеларка денеска покрај средбата со премиерот Зоран Заев, оствари средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Таа јавно ги повика граѓаните на Република Македонија на 30 септември да излезат на референдумот и да го дадат допринос за иднината на државата.

 

Loading...

Related posts