vesti24.mk
СВЕТ

Меркел: „Светот нема да нѐ чека“ Германската канцеларка посакува брзо формирање влада во 2018 година и поголемо меѓусебно „почитување во широка смисла“. Во нејзиниот новогодишен говор овојпат нема централна точка.

ECA

Ангела Меркел е загрижена поради единството во Германија. Одамна немало толку различни мислења околу ова прашање, вели канцеларката во својот новогодишен говор. „Некои дури зборуваат за јаз кој минува низ нашето општество. Едни велат: Германија е прекрасна земја, силна и економски успешна, со отворено и разнолико општество, нагласува Меркел, додавајќи дека други велат оти има премногу луѓе кои немаат удел во овој успех и дека има премногу криминал и насилство. Тие се прашуваат „како да го регулираме доселувањето во нашата земја“.

Тоа, според канцеларката, се две лица на реалноста – успех и самодоверба, но и страв и сомнеж. „За мене двете работи се поттик.

„На политичарите им е дадена задача да се грижат за предизвиците кои со себе ги носи иднината и притоа да ги имаат предвид потребите на сите граѓани“, потенцира Меркел, тврдејќи дека се чувствува обврзана кон оваа задача, особено во делот на брзо составување стабилна влада во новата година. „Зашто светот нема да нѐ чека“, нагласува таа.

Социјална пазарна економија како „наш компас“

Сега би морало да се исполнат предусловите за тоа на Германија да ѝ оди добро и за 10 или 15 години. Тоа значи да се осигураат постоечките работни места и да се отвораат сосема нови работни места прилагодени на потребите на иднината. Претпријатијата, според Меркел, би требало уште повеќе да се поддржуваат во делот на истражувањата и развојот на нови тенологии, а државата треба да стане „дигитален превдодник“.

Канцеларката оцени дека социјалната пазарна економија е водечка насока, која и во време на дигитален напредок може да биде „наш компас“. Притоа, семејствата треба да се во средиштето. Тие треба финансиски да се растоварат, за семејниот живот и професијата „да можат уште подобро да се усогласат“. Треба да се овозможи и „добра и достоинствена нега“ и да се создадат еднакви животни услови „како во градовите, така и на село“.

Европските вредности да се застапуваат „солидарно и самоуверено“

Меркел иднината на Германија ја гледа како неразделна од иднината на Европа. 27-те држави би морале посилно од кога и да е досега да се придвижат да дејствуваат како една заедница. Тоа ќе биде одлучувачкото прашање во наредните години. Ќе станува збор за тоа „дали ние Европејците во глобалниот и дигитален свет ќе ги застапуваме солидарно и самоуверено нашите вредности навнатре и нанадвор“. Германија и Франција сакаат заеднички да работат за тоа да успее.

На крајот на новогодишниот говор канцеларката повторно се наврати на мислата од почетокот на говорот. Трагањето по вистински одговори е составен дел на демократијата. Нејзина желба за новата година е „повторно да станеме посвесни за она што нѐ држи одвнатре“. Меркел бара и повторно во преден план да се стави заедничкото, „да се потрудиме да имаме почит едни кон други и тоа почит во најширока смисла“.

Повеќе единство и зајакнување на демократијата канцеларката си посака и пред една година. Но, овојпат не зафати една друга тема – тероризмот. Овој збор пред 12 месеци, поради нападот на берлинскиот божиќен пазар, доминираше во нејзиниот новогодишен говор.

извор:дв

Loading...

Related posts