vesti24.mk
АВТОМОБИЛИ

Може ли БМВ да го собори Мерцедес од врвот?

ECA

Долгогодишниот најголем производител на премиум автомобили на светот има намера да ја врати титулата која што во последните две години му ја одзеде големиот ривал – Мерцедес.

Баварски БМВ беше глобален лидер во производството на премиум патничките автомобили цела една деценија, за во 2016-та година од тронот да го симне Мерцедес. На компанијата од Штутгарт ѝ појде тоа од рака пред се благодарение на растечката популарност на компактните модели предводени од А Класа.

Доминацијата на Мерцедес над БМВ продолжи и во 2017-та година. Минатата година БМВ забележа раст на продажбата од 4,2%, но кај Мерцедес растот беше двојно поголем, односно 9,9%.

БМВ годината ја заврши со 2,09 милиони продадени автомобили, додека пак Мерцедес продаде 2,29 милиони автомобили. Овој добар резултат на Мерцедес се должи меѓу другото и на одличната работа на компанијата на кинескиот пазар кој што е најголемиот пазар на светот.

Сепак, од БМВ не се предаваат и во Баварската компанија се уверени дека до крајот на деценијата можат да го надоместат заостатокот и повторно да го надминат Мерцедес по бројот на продадени автомобили.

„Во 2020-та година ние ќе бидеме број еден кога станува збор за продажбата“, изјави првиот човек на БМВ, Харалд Кригер кој за германските медиуми изјави дека тоа им го порачал на луѓето од неговиот тим од кои што очекува да ја исполнат зацртаната цел.

Продажниот адут на БМВ ќе биде новата генерација на моделот од Серија 1, но и целосно новиот SUV модел X7. Со оглед на тоа што од Мерцедес немаат намера да го предадат тронот, јасно е дека ќе има голема борба помеѓу двата германски автомобилски гиганти.

извор:точка.ком.мк

Loading...

Related posts