ЗДРАВЈЕ

НА КАРДИОЛОГИЈА СТЕНТИРАН ПРВИОТ ПАЦИЕНТ ВО СВЕТОТ СО НОВА АПАРАТУРА, ПРОШИРЕНА КАРОТИДАТА ЗА ДА СЕ СПРЕЧИ МОЗОЧЕН УДАР

ECA

Првиот пациент кому му е ставен стент на каротида со новиот систем „неурогард“, кој го разви компанијата „Контего медикал“ од Јужна Каролина, е 65 годишен Македонец, а интевенцијата ја изврши д-р Сашко Кедев на Клиниката за кардиологија. Со стентирање на каротидите, односно артериите што одат во мозокот, практично се спречува појава на мозочен удар. Новиот систем за стентирање, како што објасни д-р Кедев е всушност апаратура која овозможува три во едно, односно се става филтер во каротидата за да спречи затворање на артерискиот канал, ставање стент и балон дилатација на крвниот сад.

„Со новата апаратура практично се скратува времето за ставање на стентот и таа е побезбедна, бидејќи се избегнува повеќекратно вадење и ставање на потребните материјали. Првиот пациент кај кој е направена интервенцијата има 65 години и веќе има стент на десната каротида која му беше 90 отсто запушена. И левата беше многу стснета и имаше опасност кај него да се појави мозочен удар, бидејќи веќе имаше невролошки симптоми“, рече д-р Кедев.

Тој објасни дека со овој начин на стентирање може да се делува и кога пациентот преживеал мал мозочен удар, односно со стентирање на каротидите да се спречи појава на масивен мозочен удар.

„Македонија е избрана да учествува во клиничката студија за одобрување на оваа апаратура за употреба. Кај нас треба да се направат интервенции кај 30 пациенти. Првично ќе направиме интервенции на 10 пациенти, кои ќе ги одбереме со скрининг, односно кај пациентите кои имаат најголема корист, а кај кои има најмал ризик. По извршување на овие интервенции кај нас, ќе може да се прават на пациентите во Берлин, Лајпциг и Милано“, рече д-р Кедев.

Тој кажа дека иако ова е првата фаза од клиничката студија за апаратурата, пред-тестирањето покажало извонредни резултати.

„Овие пациенти сега ќе се третираат бесплатно, бидејќи е студија, а додека да се комерцијализира апаратурата сигурно ќе поминат две до три години“, кажа Кедев.

Годишно има 200 пациенти на кои им се прошируваат каротидите со стентови, но според д-р Кедев таа бројка е сигурно пет пати поголема, бидејќи тука не се бројат и пациентите кај кои со хируршка интервенција им се отстранува стеснувањето на артеријата.

„Националната студија за мозочен удар која ја најави Министерството за здравство, треба да вклучува тесна соработка меѓу невролозите, неврохирурзите и кардиолозите, бидејќи токму невролозите се тие што треба да го детектираат проблемот и интервенцијата да се изведе пред да се појави мозочниот удар“, кажа д-р Кедев.

Е.Бочвароска

извор:сдк.мк

Loading...

Related posts