Премиерот Зоран Заев во Анкара

Премиерот Зоран Заев во рамки на официјалната посета на Република Турција денеска ќе има средба со премиерот Бинали Јилдирим.

Турскиот премиер Јилдрим ќе официјално ќе го пречека Заев, а потоа двајцата премиери ќе имаат тет-а-тет средба по што ќе следува и средба на делегациите од Македонија и Турција. Јилдирим и Заев потоа ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Во текот на денот, премиерот Заев предвидено е да се сретне и со претседателот на Собранието на Република Турција Исмаил Кахраман и со претседателот на државата Реџеп Таип Ердоган.

Заев официјалната посета на Република Турција ја почна синоќа со обраќање пред претставниците на ТОББ, Сојузот на стопански комори и берзи на Република Турција. Тој истакна дека постојат можности за унапредување на економската соработка меѓу Република Македонија и Република Турција. Исто така нагласи дека нашата цел е за неколку години трговијата со Турција да биде една милијарда евра.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев на официјалната посета е придружуван од министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР Виктор Димовски.