vesti24.mk
ЕКОНОМИЈА

ШВАЈЦАРИЈА САКА ДА СТАНЕ КРИПТОНАЦИЈА: КОЛКУ ДАЛЕКУ МОЖЕ ДА СЕ ОДИ ВО ОХРАБРУВАЊЕТО НА ДИГИТАЛЕН „ДИВ ЗАПАД“?

ECA

Кога се во прашање иницијалните понуди на криптовалути (ICO), за дел од финансиските експерти и држави тоа е контроверзно прибирање капитал кое „мириса“ на измама, а Швајцарија се најде „меѓу чеканот и наковалната“.

Алпската земја во срцето на Европа од една страна сака да стане глобален центар за криптовалути, а од друга, сака да го избегне имиџот на држава која е дел од нерегулираниот „Див Запад“. Швајцарија сака да стане криптонација, најави минатата недела и министерот за економија Јохан Шнајдер-Аман, а пренесува Financial Times.

Податоците на консултантската куќа PricewaterhouseCoopers (PwC) покажуваат дека од 10 најголеми ICO, Швајцарија привлекла четири. Лани ICO глобално вредеа 4,6 милијарди долари, а Швајцарија го зазема второто место во светот, зад САД, со 580 милиони долари вредни ICO (трет е Сингапур со 184 милиони, следи Русија со 111, Кина со 82 и Велика Британија со 67).

Швајцарија има статус на центар на криптовалутите, благодарение на комбинацијата на силна стартап сцена, отвореност за иновации и богати инвеститори. Малиот кантон Цуг покрај Цирих неофицијално се нарекува „криптодолина“.

Меѓутоа, Јужна Кореја и Кина забранија ICO, Европската унија и САД се многу скептични, па и швајцарската Влада и регулаторите се прашуваат колку далеку треба да се оди во охрабрувањето на развојот на нерегулираниот пазар на криптовалути. За потсетување, финансискиот регулатор FINMA (Swiss Financial Market Supervisory Authority) предупреди дека истражува низа ICO поради можни пропусти при спречување на перење пари и финансирање тероризам.

„Владата не сака да падне во истата замка како и банките пред 30 или 40 години – особено се чувствителни на перење пари и практиката на познавање на клиентите“, вели за FT претседателот на здружението Crypto Valley, Оливер Бусман.

Адвокатката во њујоршката компанија Reed Smith, Кари Ларсен, смета дека швајцарскиот пристап е прагматичен, но истовремено во еден дел и опортунистички. Имено, во привлекувањето ICO на Швајцарија во иднина би можел да ѝ конкурира Гибралтар, првата држава со регулаторна рамка за ICO. Затоа капиталот би можело да почне да оди таму каде што е подобро заштитен, оценува Ларсен.

извор:капитал.мк

Loading...

Related posts