АВТОМОБИЛИ

Скандалозно: Германските автомобилски гиганти спонзорирале опасни експерименти врз луѓе!

ECA

Една истражувачка европска организација која што била финансирана од германските производители на автомобили, спонзорирала научни експерименти врз луѓе за влијанието на азот-диоксидот, гас кој се ослободува од издувните системи на автомобилите, открива „Штутгартер Цајтунг“.

Истражувањето било нарачано од Европската истражувачка група за животна средина и здравје во транспортниот сектор, додека средствата за истражување ги обезбедиле германските автомобилски компании Фолксваген, Дајмлер и БМВ.

Околу 25 млади луѓе во рамките на експериментот, повеќе часови вдишувале различни дози на азот-диоксид во институтот во рамките на Универзитетот во Ахен во Германија, но влијанието на гасот не можело да биде утврдено додека биле извршувани истражувањата во 2016-та година, пренесува споменатиот германски медиум.

Целта и резултатот на истражувањето останале непознати, но се дознава дека експериментите врз луѓето се поклопиле со моментот кога автомобилската индустрија беше соочена со забраната за сообраќај на токсичните автомобили со дизел мотори во градските центри, откако беше откриена аферата “Dieselgate”.

Од Дајмлер остро ги осудија експериментите: „Запрепастени сме од размерите на истражувањето и нивното спроведување. Најостро ги осудуваме таквите експерименти. Иако Дајмлер немаше влијание на планот на истражувањето, отворивме голема истрага во врска со тоа прашање“.

Истражувањето го спровела истата организација која што го спонзорирала и експериментот со мајмуните кои што биле изложени на вдишување на отровни издувни гасови од дизел моторите опремени со нелегален софтвер за манипулирање на податоците за емисија на штетни гасови.

Од Фолксваген, БМВ и Дајмлер ги осудија експериментите со мајмуните, а членовите на управниот одбор на Фолксваген повикаа денес на отворање на истрага во врска со тие тестирања.

извор:точка.ком.мк

Loading...

Related posts