„Tesla“ го ограничува користењето на суперполначите

Компанијата „Tesla“ соопшти дека сите нејзини нови продадени воила што ќе бидат користени во комерцијални цели нема да може да ја користат мрежата со суперполначи.

Под комерцијални возила компанијата подразбира такси возила, автомобили за достава, транспорт, размена и сите видови превоз.

„Ако го полните возилото за цели што не се предвидени со политиката за рамноправно користење на суперполначите, ќе имаме слобода да ве замолиме да го смените вашето однесувањ. Може да преземеме и дополнителни мерки за да ја заштитиме достапноста на суперполначите за нивната оригинална намена, како што е ограничување или блокирање на можноста сите возила да се приклучуваат на нив“, стои во соопштението од компанијата.

„Tesla“ ја воведе мрежата суперполначи пред сѐ за да овозможи подолги патувања, но сопствениците на електричните возила почнаа да ги користат и за други намени, па и за пократки патувања.

Оваа одлука на „Tesla“ несомнено ќе погоди многу комерцијални компании ширум светот.

Пред неколку месеци, на најголемата такси компанија во Дубаи ѝ беа испорачани 50 автомобили модел S и X што се користат во аеродромскиот возен парк.

Исто така, голем број „Tesla“ возила користат и такси компании во Холандија и сите ќе бидат принудени да побараат алтернативно решение за полнење на нивните автомобили.