vesti24.mk
ВЕСТИ СВЕТ

Трамп и Јункер се обидуваат да ја спречат трговската војна: Ние сме сојузници, а не непријатели

ECA

Првиот човек на Европската комисија смета дека Брисел и Вашингтон треба да соработуваат, а не да се отвораат трговски војни помеѓу двете страни.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и американскиот претседател Доналд Трамп синоќа најавија смирување на тензиите во пресрет на разговорот во „четири очи“ во Овалната соба во Белата куќа каде што ќе се обидат да ја сопрат трговската војна помеѓу двете страни.

„Ние сме блиски партнери, ние сме сојузници, а не непријатели“, изјави Јункер, додека пак Доналд Трамп порача дека „од состанокот очекува многу позитивни работи“.

Извршниот шеф на Европската унија истакна дека Брисел и Вашингтон треба уште повеќе да соработуваат: „Претставуваме половина од светската трговија. Меѓу нас има 1000 милијарди долари трговски размени“, порача тој.

„Се согласувам, а доколку успееме да постигнеме да нема ниту царини ниту бариери, ниту субвенции, тогаш Соединетите Американски Држави би биле премногу задоволни“, изјави Доналд Трамп, не пропуштајќи да потсети дека неговата земја „загубила стотици милијарди долари во „бизнисите“ со Европската унија“.

„Ние сакаме едноставно да има еднаков третман за земјоделците, за индустриските работници, за сите во светот“, порача американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите во Белата куќа во Вашингтон.

Соединетите Американски Држави од 1-ви јуни воведоа царини од 25% за увоз на челик и 10% за увоз на алуминиум од земјите од Европската унија, Канада и Мексико. Трамп на европските земји им објасни дека таквата одлука е донесена затоа што Европејците не го отвориле доволно својот пазар за американските производи. Од Брисел на САД им одговорија со воведување на исти мерки.

Но, американскиот претседател сепак не застана тука и се закани со воведување на нови царини кои што ќе ја погодат европската автомобилска индустрија, што посебно го загрижува Берлин затоа што во тој сектор во Германија моментално се проценува дека се вработени околу 800 илјади луѓе.

После Кина, Америка е вториот најголем извозен пазар за европските автомобили. Американците само минатата година купиле дури еден милион и 200 илјади европски автомобили, а Европејците шест пати помалку американски автомобили.

извор:очка.ком.мк

Loading...

Related posts