ВЕСТИ МАКЕДОНИЈА

Црвенковски и Фрчкоски сакале да го тргнат Глигоров од политиката, Андов открива детали во книгата „Пред атентатот и по него“ (Видео)

ECA

Стојане, вчера имав неочекуван состанок. Во вилата ми дојдоа Бранко Црвенковски, Тито Петковски, Благоја Ханџиски, Фрчкоски и Јане Миноски. Тие мои гости зборуваа мирно како да се договараа со мене да одиме на плажа, а всушност побараа од мене да си дадам оставкa. Не ги разбирам овие луѓе Стојане, ако нè тргнат нас двајцата и останат сами на власта, сосема е јасно како ќе владеат…“, ова е дел од извадоците од книгата „Пред атентатот и по него“, што беа посебно акцентирани на вечершаната промоција на избраните дела од Стојан Андов, а во кои Андов разговара со поранешниот претседател на државата, Киро Глигоров.

Андов во книгата споделува повеќе сеќавања и дијалози, па во дел, кој беше прочитан на промоцијата, тој открива дека имале несогласувања со експремиерот Бранко Црвенковски, но особено со тогашниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски. Глигоров, како што се наведува во книгата, сметал дека Андов е човекот што треба да го наследи на функцијата – претседател на државата.

Му реков доста остро на Киро дека избрзал изговорајќи го моето име. Си помислив, тој добро знае дека ја компликувал ситуацијата и во концепцијата на тие луѓе сега ќе се јави потреба како и мене, покрај Киро, да ме отстранат од политиката. Тие очигледно беа решени оваа група, која ја контролира државата, да го отсрани секој глас што може да има влијание во јавнсота. Двајцата се надевавме дека таа залетаност на групата ќе престане. И сите да ги решаваме пробелмите на земјата…“ , пишува во дел од книгата.

Андов пишува и за денот на атентатот врз Глигоров, дека по само неколку минути откога бил известен што се случило, отишол да го посети претседателот во болница.

Еден од лекарите ме одведе во салата, каде што на количка беше легнат претседателот на Републиката. Беше комплетно неподвижен, му реков дека сум јас и дека ситуацијата ќе биде под контрола“, пишува Андов.

По посетата на Глигоров, Андов, како што пишува во книгата, заминал во својот кабинет, каде што го повикал Црвенковски. Тој пристигнал со министерот за здравство, Илија Филипче, министерот за правда, Владо Поповски, и уште двајца други, но меѓу нив не бил и министерот Фрчкоски.

Ми привлече внимание тоа што за време на нашиот разговор ми се јави Слободан Милошевиќ. Стојане, што се случува со Глигоров таму кај вас? Му кажав дека Глигоров е жртва на големо злосторство, но првите оценки на нашите лекари се дека ќе може да се спаси. Ме праша дали може да помогне… Ми падна во очи што на оваа наша средба не е министерот за внтарешни работи Фрчкоски. Го прашав Бранко каде е Фрчкоски? Тој ми рече дека не знае точно каде е, но некој му кажал дека министерот заминал накај Крива Паланка. Невозможна и многу сомнителна работа“, пишува Андов.

На промоцијата говореа и академик Владо Камбовски, писателот Блаже Миневски, амбасадорот Љупчо Арсовски, како и надворешнополитичкиот коментатор Љубомир Гајдов.

На промоцијата, која се одржа симболично на 83. роденден на првиот претседател на Собранието на РМ, присуствуваа дипломати, професори, новинари, како и премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Во колекцијата од десет тома се книгите: „На мој начин“, „Моите патувања“, „Стравот и љубовта“, „Кицо Американецот“, „Јосип Броз Тито и распаѓањето на Југославија“, „Приказната на Марија“, „Драматичната 1991 година“, „1992 – година на опасни предизвици“, „Успеси и заговори – 1993 година“ и „Пред атентатот и по него“.

Loading...

Related posts